Попоски: Посетата на Борисов израз на нормален дијалог, соработката со Бугарија конструктивна

Од:

Посетата на бугарскиот премиер Бојко Борисов на Македонија овој викенд не беше ненадејна туку израз на нормален дијалог, ијави шефот на македонската дипломатија Никола Попоски. Разговорите со Борисов и министерот за надворешни работи Николај Младенов ги оцени како позитивни. Договорено е двете земји да се фокусираат на заедничките придобивки, а не на прашања што ги обременуваат односите.

– Она што можам да кажам е дека посетата на Борисов не беше ненадејна. Зборуваме за два директни соседа кои имаат заедничка граница. Таков вид на дијалог е нормално да се одржува секогаш. Јас би поттикнал таков тип на дијалог да има меѓу сите земји во регионот. Тоа што е значајно е дека климата на дискусија беше позитивна и дека се договоривме да се фокусираме на оние заеднички придобивки, а не да се обременуваме со определени препреки. Мислам дека тонот на дискусијата, пораките кои беа упатени одат во таа насока дека имаме интерес да градиме добрососедство. За какви било решенија во однос на текст или соработка не би навлегувал до оној момент додека не биде договорено од кој тип таа соработка би била. Мислам дека и во овој момент имаме исклучително конструктивна соработка со Република Бугарија и тоа беше споделено во комуникацијата, која ја имавме на премиерско ниво. Таа е клучната порака од оваа посета, рече Попоски по средбата и заедничката преес-конференција со неговиот српски колега Иван Мркиќ.

Министерот Попоски не прецизира кога би се потпишал договор за соработка и добрососедство со Софија, но ја подвлече, како што рече, важноста на пораката за градење добрососедство која произлегла од средбата на премиерот Груевски и Борисов.

– Она што го кажавме на самиот почеток е дека многу битно за добрососедството се гестовите и односот еден со друг, многу побитно од тоа што сме ставиле на хартија и второ, само преку заемно почитување можеме да имаме некаков плус од потпишување на определен договор. Во овој момент не би пресекувал дали имаме или немаме и што би имале кога би имале, туку на тоа дека од двете страни на највисоко ниво на извршната власт се упатени пораки дека сакаме да имаме добри односи. Доколку тоа го слушнете од двајца премиери на двете соседни земји тоа е многу поголема придобивка отколку што било што би можеле да ставиме на хартија, порача министерот Никола Попоски.