Претставник на винарската визба „Винеа” денеска ги посети лозарите кои петти ден протестираат блокирајќи го патот Градско – Прилеп кај Росоман.
Драган Канзуров од „Винеа“ ги информира лозарите дека е поништена продажбата на винаријата, што е и едно од нивните барања. Тој нагласи дека сега, кога винарницата е вратена на сопствениците, лозарите ќе си ги добијат своите пари. Според него, исплатата на грозјето за 2009, 2010, 2011 година ќе заврши до крајот на овој месец, а грозјето од 2012 година ќе се исплатува до крајот на април согласно на законскиот рок.
– Нема да има влијание тоа кој од производителите на грозје ја тужел винаријата, а кој не. Сите ќе бидете исплатени како што ви кажав. На никого нема да му останеме должни, им вети тој на лозарите. Договорена е и средба в среда во присуство на претставник на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Росоман.
Лозарите најавија дека блокадите ќе продолжат се до исплата на грозјето.