Општинската организација на Црвениот Крст Куманово започна со поделба на прехрамбено-хигиенските пакети, наменети за најранливите категории граѓани во Куманово, Старо Нагоричане и Липково.
Средствата за подготовка на пакетите се собрани за време на одбележувањето на Недела на гладта.
– Црвен крст на Македонија и општинската организација Куманово организираа посета на осумчленото семејство Младеновски од село Враготурце, во општина Старо Нагоричане. Дониравме хуманитарна помош составена од брашно, прехранбено-хигиенски пакети, ќебиња, облека и обувки. Црвен крст Куманово ќе продолжи да контактира со семејството преку цела година и во рамките на своите можности ќе му пружа најнеопходна хуманитарна помош, изјави секретарот на Црвениот Крст Бојан Петрушевски.
Во рамки на Недела на гладта во Куманово, волонтерите од Црвениот Крст собираа парични средства со симболична цена од 50 и 20 денари за продаден купон, од граѓаните и од општествено одговорните претпријатија кои се солидаризираа со немоќните. Беа соберени средства за подготовка на 60. прехранбено-хигиенски пакети. Дел од нив веќе се поделени на семејства во Куманово и поодалечените села во Липково и Старо Нагоричане, како што се Гошинце и Враготурце.