Музејот на Македонската борба за државност и самостојност или Mузејот на ВМРО ќе потроши 32 милиони денари за ентериерно уредување на конференциска сала.
Тие денеска до Бирото за јавни набавки доставиле објава во која услугата ја процениле на 520.000 евра без вклучен ДДВ во сумата.
СДСМ веќе реагираше за финалната цена на Музејот, но и за анексите на основниот договор кој ја зголемуваше цената на музејот на ВМРО.
Подпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски пред речиси две години, соопшти дека за Музејот на ВМРО се потрошени 10 милиони евра повеќе, иако основниот договор за изградба на Музејот бил во вредност од 4,5 милиони евра.
Манчевски тврдеше дека на сомнителен начин се испумпуваат милионски суми пари.
Според Манчевски во Музејот со основниот договор не биле предвидени восочните фигури со вредност од 2,5 милиони евра.
„ Освен што не биле предвидени восочни фигури, не биле предвидени ниту основен проект, сценографски елементи, ентериер, мебел, осветлување, идеен проект и еден куп непредвидени работи во висина од околу 8,5 милиони евра. Згора на сè, потребни биле уште милион евра за довршување на објектот и уште половина милион евра за „дополнителни непредвидени работи“, изјави Дамјан Манчевски пред две години.
