Во црквите низ Македонија на полноќ верниците ќе ја чекаат објавата на Христовото Воскресение – Велигден. Централното чествување во Скопје, традиционално, ќе биде во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, каде ќе се одржи Воскресна богослужба со Света Златоустова литургија.
Ќе богослужи архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан кој утрово по повод Велика Сабота ќе богослужи и Света Василиева литургија со Вечерна во храмот „Св. Наум Охридски“ во населбата Радишани.
Поради големата посетеност на верските објекти, вечер ќе биде засилено присуството на сообраќајната полиција.
Од 19 до 2 часот сообраќајот околу Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ ќе биде пренасочен: на булеварот „Партизански одреди“ – на потегот од крстосницата со улицата „Франклин Рузвелт“ кај „Симпо“ до крстосницата со булеварот „ВМРО“ и зградата на Македонска пошта, како и на булеварот „Климент Охридски“ – од крстосницата со булеварот „Илинден“ кај Владата на Република Македонија до крстосницата со улицата „Димитрија Чуповски“ кај студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“.