Синоќа полиција упаднала во неколку ноќни клубови во Скопје и ги легитимирале посетителите. Преку социјалните мрежи, Скопјани изразија револт од односот на полицијата.
Меѓу клубовите е и „Сектор 909“. Некои од нив пишуваат дека полицајци со автоматско оружје барале да се изгаси музиката во „Сектор“. Од МВР изјавија дека сооппштение ќе испратат во текот на денот.
На „Фејсбук“ се огласи и сопственикот на дискотеката „Сектор“ кој напиша:
„Татко ми вика цел живот.. „Сине ќе те учи работата,така да сигурен сум дека е во право „ќе нè учи работата”. Јас Огнен Узуновски не се чувствувам како криминалец и Сектор 909 не е само едно обично диско, туку е еден начин на „живот”. Не можете да нè сопрете, тука има многу љубов… Со ова вечерва, сами Вие (знаете на кој се обраќам) треба да размислите дека ако #немаправданемамир“, напиша Узуновски на Фејсбук.
Преку Фејсбук се огласи и диџејот Зоран Ристевски, познат како Зоки Бејбе, кој ја критикуваше акцијата на полицијата и напиша дека бизарно е да се исклучува музика за рутински контроли.
„Во време кога клупската култура е предмет со кои се занимаваат студиозно на сите нивоа државите структури за промоција на своите метрополи во сериозни центри со вибрантен и богат ноќен живот или во превод клабинг, кај нас се прават инспекциски претреси кои целосно изгледаат како рации. Брутално! Сликата и штетата за сите и градот Скопје е повеќе од трагична. Музика во клуб да се исклучува за рутински контроли е повеќе од бизарно. Зошто сѐ мора да изгледа вака и зошто нема тековна комуникација. Клабингот е музичка култура која инволвира сериозна креативна популација која буквално живее од оваа уметност и професија. Конечно, што е со стресот кои им се случува на полнолетни луѓе кои дошле да танцуваат на диџеј-сет. Инсистирам да се доближи природата и значењето на една врвна културна сцена која во Македонија постои од раните ’90 и која е корисна за сите аспекти на културниот живот. Ноќ каква една метропола не смее да си дозволи да се повтори!“, напиша Зоки Бејбе на Фејсбук.
На полициската акција реагираше и Уранија Пировска од „Хелсиншкиот комитет“, која побара одговори за потребата за демонстрирање сила со огнено оружје во дискотека полна со луѓе.
„МВР се слушаме? Постојат правила и стандарди за примена на мерки за присилба! Ќе се бараат одговори за потребата да се демонстрира сила со огнено оружје во дискотека полна со луѓе! Ќе се постави и прашањето на командна одговорност! Кој ја дал наредбата и зошто? Полицијата постои да ги заштитува граѓаните и да постапува во рамки на дозволена и неопходна примена на сила и мерки за присилба, секогаш заради обезбедување на сигурност и безбедност! Не ни треба уште една власт која преку полицијата ќе покажува моќ и ќе влева страв кај граѓаните!“, напиша Пировска.
Васко Маглешов
