ПОДЕМ ги повикува владечките СДСМ и ДУИ да не ги прекршуваат демократските начела и вредности со тоа што настојуваат да го протуркаат Изборниот законик на мала врата.
-Не го злоупотребувајте европското знаменце за да правите работи кои се суштествена спротивност од европскиот дух. Европа е одлика на демократијата, а овој процес кој вие го водите најмалку од се е демократски. Како е можно за толку важно прашање како што е изборниот законик да се одлучува без широка консултација. Така беше протуркан и целиот преговарачки процес со Грција, тајно, зад затворени врати, наместо чесно и отворено да се каже што се планира. Но, затоа сега никој не е задоволен од договореното, оти сами ги кроевте плановите како што одговараат на вашите лични интереси, а не на интересот на македонскиот народ-се вели во соопштението од оваа партија.
Од ПОДЕМ велат дека затоа засега ни серија лидерски средби не даваат плод. Оти такви средби требало да има во текот на преговорите со Грција.
-ПОДЕМ повеќе пати повика на лидерска средба. Ако го истуркате изборниот законик исто како што ги теравте преговорите со Грција и сега резултатот ќе биде таков. Никој нема да се согласи со она за што претходно не бил консултуран. Не му ја кројте капата на македонскиот народ како што ви одговара, оти тој после ќе ви ја скрои вас капата така како што вас нема да ви одговара. Фокусирајте се на економијата, а не на секојдневни предавства. На македонскиот народ му треба економски просперитет-стои во реакцијата од ПОДЕМ.
Партијата смета дека ако се промени името и се отворат вратите на ЕУ вака како што сега стои македонската економија, која од ден во ден стрмоглаво пропаѓа надолу, младите уште повеќе ќе заминат од својата земја.
-На крајот на краиштата ако сте толку многу убедени дека македонскиот народ позитивно ќе гласа на референдумот, од што се плашите, каде брзате и што туркате. Терајте ја процедурата регуларно и законски, демократски, чисто и отворено. Ако правдата е на ваша страна, во што не верувам, и победата ќе биде на ваша страна.
Но во едно сум сигурен. И овој пат ќе победи македонскиот народ. А со него ќе победи оној кој стои на негова страна. Застанете на страната на народот за сите заедно да бидеме победници-завршуваат од ПОДЕМ.
