Почнува внатрешното уредување на градинката во штипската населба „Сењак“

Од:

Интензивно се гради новата детска градинка во штипската населба „Сењак“. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски вели дека на објектот се поставени вратите и прозорците.

-Во моментов веќе се работи и на внатрешното уредување на објектот, според пропишаните стандарди за детска установа, екипите наскоро ќе почнат да го поставуваат и подот, вели Бочварски.

Околу детската градинка се порамнува и уредува дворната површина, со што ќе се изградат и патеки околу неа. Бочварски забележа дека ова е еден од капиталните проекти, бидејќи по 30 години во Штип се гради нова детска градинка, која е со капацитет за 200 деца. Со изградбата на градинката, Штип ќе го реши проблемот со листата за чекање за прием во градинките, а на овој начин ќе им се помогне и на родителите да немаат притисок каде нивните деца ќе бидат згрижени додека се на работните места.

– Инвестицијата е општинска, но и со поддршка од Бирото за рамномерен регионален развој, a преку Министерството за труд имаме поддршка за внатрешно опремување на градинката. Оваа градинка ќе чини 930.000 евра, од кои околу 600.000 евра се од буџетот на Општина Штип, вели Бочварски.

Според договорот, новата детска градинка во штипската населба „Сењак“ треба да биде готова на есен.