Две новороденчиња, близначиња, на околу 20-тина дена старост починале вчера околу пладне, а јавен обвинител од основното јавно обвинителство од Прилеп нареди обдукција за да се утврди причината за нивната смрт.
Според јавниот обвинител Стевчо Биноски, новороденчињата, машко и женско, биле во тешка здравствена состојба. Семејството од домот во прилепското село Славеј повикало Итна помош.
– Семејството во селото Славеј повикало итна помош. Близначињата биле во тешка здравствена состојба. Екипата на итната помош штом пристигнала констатирала смрт кај едното бебе, а другото било префрлено во прилепската болница во тешка состојба каде починало. Семејството живее во екстремно лоши услови и има уште три деца. Наредив обдукција за да се утврди причината за смртта на новороденчињата. Известени се надлежните, меѓу кои од Центарот за социјални работи од Прилеп, ни изјави Биноски.