Почина политикологот Милка Такева-Григоријевиќ

Од:

Утрово на 82-годишна возраст по долго боледување почина Милка Такева-Григоријевиќ, родена делчевка и една од најмаркатните женски личности во повоениот период на македонската политичка сцена и заслужен лик за развојот на Делчево во урбана општина.

Таа беше родена во 1935 година и од млади години беше активна на политичката сцена. Дипломирала политички науки на Универзитетот во Белград и беше една од првите жени политиколози во поранешна Југославија.

Такева-Григоријевиќ била член на градското собрание на Град Скопје, како и на општинските собранија на Центар и Гази Баба. Исто така, била и пратеник на Републичкиот собор на Собранието на РМ, каде што ги водела Одборот за здравство и социјална политика и Одборот за труд.

Од 1981 до 1992 година беше и делегат на Сојузниот собор на Собранието на Југославија, а од 1986 до 1988 година беше и претседател на Сојузниот собор на Собранието на Југославија. Во два мандата беше и координатор на делегатите од Македонија, потпретседател на одбодот за здравство и социјална политика и член на Уставната комисија.

Како пратеседател на Конференцијата за општествена активност на жените на Македонија таа беше активно вклучена и во сферата на женските права. Беше член на претседателството на Сојузната конференцеија за општествена активност на жените на Југославија, како и потпретседател на Националниот совет на жените на Македонија (СОЖМ).

За својата активност има добиено бројни признанија и одликувања, меѓу кои: Орден на Републиката со сребрен венец, Орден заслуги за народ, Орден за труд со златен венец, како и Плакета за безбедност и Плакета за цивилна заштита на Владата на Југославија.

Посмртните останки на Милка Такева-Григоријевиќ утре на 25.12.2017 година ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта Бутел-Скопје, во периодот од 11:30 до 12:30 ч, а погребот ќе се изврши во 12:30 часот.