На 24 август во 11 и 30 часот со болничко возило на Клиниката за инфективни болести е донесено 2 годишно дете со клиничка слика на тешка мeнингокценија и флуминантна пурпура, односно тешка форма на Сепса која за неполни 24 часа ги зафатила сите органи на телото по што настапила смрт.
Како што вели д-р Милена Стевановиќ од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, станува збор за многу тешка и ретка клиничка слика на болест која е предизвикана од бактеријата Нисерија менингитидис и е со висока смртност и покрај преземање на сите тераписки мерки.
-Детето било однесено на педијатриското одделение во Прилеп каде е почната иницијалната терапија и по консултација со инфектолог упатено е на нашата клиника. Веднаш е реализиран прием на интезивна нега на клиниката за инфективни болести, земени се потребни микробиолошки следувања и започнат беше интензивен третман, но болеста со ваков брз тек на жалост се случи она што никој не го посакува тоа е смртен исход во 18 часот и 15 минути, вели Стевановиќ.
Според Стевановиќ, болеста започнува нагло од полно здравје, а симптомите се често неспецифични посебно кај деца под 4 годишна возраст. Во наредните часови од почетокот на болеста таа прогритира до најтешка форма која завршува со смртен исход.
Доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје вели дека од појавата на пациентот во болницата во Прилеп до денеска преземени се сите епидемиолошки мерки кои се по протокол.
-Според протоколот веднаш чим е поставено сомневањето за можна менинкокна болест кај детето инфектологот во Прилеп го известил регионалниот епидемиолог и веднаш е излезено на терен за да се преземат сите мерки кои се предвидени со протокол за постапување во вакви случаи. Тоа подразбира давање на профилакса на сите блиски контакти, вклучувајќи ги и лицата кои се грижеле за него, дезинфекција на сантитетското возило со кое е превезувано детето и на болничките простории каде детето било на прием, вели Микиќ.
Дополнително епидемиолозите вршат дополнителни епидемиолошки истражувања за дезинфекција на домот каде претстојувало детето, а воедно се земаат и лабараториски материјали за да се види дали постојат одредени носители и да се намали ризикот за нови случаи иако тоа е исклучително ретко. Оваа болест најчесто се јавува со поединечни случаи.
-Менингококната болест се пренесува со близок контакт што значи дека заразното лице кое ги носи овие бактерии во носот и грлото доколку кашла или кива, а во истата просторија се наоѓа осетливо лице може да се заболи. Она што е поволно кај оваа болест во однос на ширењето е што не е многу контагиозна, значи доколку престојувате во соба каде што било тоа лице не може да добиете менингококно заболување, рече Микиќ.
Според него, болеста се јавува исклучително ретко во Македонија со поединечни случаи, а уште поретко во вид на сепса или септикемија, обично, вели тој, се јавува во форма на менингитис. Како што рече, ова е еден од ретките случаи кои воопшто се забележани во претходниот период. Во последните 20 години најголем број на вакви случаи регистрирани се во 2004, 9.
Обдукција на телото нема да се прави, како што кажа Стевановиќ, заради тоа што семејството изречно одбивало, но и клиничката слика била јасна.
Виктор Јованов