По чиј договор одлучуваше Аневски кога ја избра Јанева за специјален обвинител?

Од:

Претседателот на Советот за јавни обвинители, Петар Аневски, вели дека не стои на патот на преговорите меѓу четирите политички партии за разрешување на политичката криза која уште повеќе се продлабочува откако се преполови тимот на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, и откако замрзаа преговорите за преодна влада во која ќе бидат вклучени министри и заменици министри предложени од СДСМ.

-Не ги кочам, ова е право на Советот и се е кажано околу тоа – изјави Аневски за „А1он“ на прашањето дали стои на патот за разрешување на политичката криза.

Тој уште еднаш повтори дека на вчерашната седница Советот не одлучувал за седумте неизгласани кандидати на Јанева затоа што веќе еднаш се произнел за истото прашање. Аневски останува на ставот дека специјалното јавно обвинителство нема потреба од дополнително обвинители.

Не открива како вчера гласале членовите на Советот и дали била едногласна одлуката барањето на Јанева воопшто да не се стави на дневен ред. Аневски вели дека тоа е службена тајна и дека одлуката е валидна.

-Тоа е сега за сега, па ќе видиме од понеделник што ќе се случува – вели претседателот на Советот.

Тој појасни дека мисли во зависност од тоа дали Јанева ќе реагира до Советот на одлуката да не се избере целата листа на предложени кандидати.

Инаку, Советот ја избра Јанева за специјален јавен обвинител на 15-ти септември во 11.30 пред полноќ откако Собранието го изгласа Законот за специјално јавно обвинителство. Со тоа беше испочитуван Договорот од Пржино до 15-ти месецот да се избере обвинител кој ќе биде надлежен за истрага на прислушуваните разговори и кривичните дела кои произлегуваат од нив.
Аневски вчера изјави дека Советот не одлучува на барање на политички партии, а на прашањето по кој договор Советот одлучуваше тогаш, Аневски вели дека членовите на Советот преку целиот ден ја чекале одлуката на парламентот.

-Ние всушност од четири саат се собравме и чекавме бидејќи од Собранието ни беше кажано дека мора да се исполни условот да се избере до 15-ти специјален јавен обвинител. Чекавме едноставно, гледавме на телевизија што се случува и на 15-ти мораше. Ни го донесоа службен весник, испечатен и веќе излезен – вели тој.

Во прилог одредбата што Советот ја прекрши од Законот за за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, по итна постапка:

Член 9 став 2

„Јавниот Обвинител ќе предложи листа на кандидати до Советот на Јавни Обвинители од редот на постојните јавни обвинители за избор во Јавното Обвинителство. Советот ќе ги избере јавните обвинители во Јавното Обвинителство на седница на која се присутни најмалку 2/3 од вкупниот број на 8 членови, при што има мнозинство од гласови од членови кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство.“

Маја Васева