ВМРО – ДПМНЕ уште еднаш го покажа “високото ниво“ на комуникација. Нивната демохристијанска идеологија одамна ја напуштиле велат од Кабинетот на градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.
„Имено, ВМРО – ДПМНЕ на денот за задушница, во јавноста излезе со плукање, лаги и невистини, но и навреди. Не кажуваа што тие направиле до сега во овие седум години откако ја имаат централната власт, туку плукаат по други кои направија многу за Охрид. За жал, тоа е одлика на ВМРО – ДПМНЕ и граѓаните ќе можат да ги паметат само по овој валкан начин на комуникација. Ниту по проекти, ниту по дела.Во знак на почит кон денот, ја информираме јавноста дека денес нема да им одговориме, а имаме многу што да кажеме“, велат од општина Охрид.
Реакцијата на општина Охрид и градоначалникот Петрески се однесува на прес конференцијата на ВМРО ДПМНЕ
„Откако Александар Петрески истури грст навреди за тоа кој е убавото а кој грдото лице на Охрид , откога ја симна кампањата на ниво на двоцевка, лицемерно побара фер ,коректност и љубов. Кога и тоа беше од нас прифатено,Петрески на отворањето на маалскиот штаб кај Отекс продолжи со навреди, недостоинствен говор и вицови на сметка на политичките конкуренти“, велат од ВМРО ДПМНЕ Охрид.
„Дали од СДСМ и градоначалникот Петрески ќе признаат дека грдото лице на Охрид е пресликано во непотизмот во редовите на СДСМ заради кој непотизам нема место за други членови. Дали ќе признае за голем број на примери за непотизам кај вработените во локалната самоуправа. Лицемерието само јасно ја покажуваа хаотичната ситуација во која се наоѓаат СДСМ и стравот на Петрески од веќе сигурниот пораз на локални избори“, рекоа од ВМРО ДПМНЕ Охрид.