Владата на Република Македонија денеска ја одржа својата редовна, 50-та седница, при што на дневниот ред како прва точка се најде програмата и приоритетите на бугарското претседателство со Советот на Европската Унија што ги презентираше амбасадорот на Република Бугарија во нашата земја Иван Великов Петков.
На седницата на владата во рамките на оваа точка свое обраќање имаше и шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија Самуел Жбогар.
Двајцата амбасадори ги поздравија актуелните политики на Владата на РМ во однос на европските интеграциски процеси и нагласија дека очекуваат и понатаму во политиките на Владата на РМ да доминира политичка мудрост, како и одржување на напорите за национално единство за решавање на важните прашања во оваа фаза на пристапувањето на земјата во евро-атлантските иницијативи.
