На претседателот на чешкиот Сенат Милан Штех, денеска му беше предадена Петиција за поведување уставна жалба против Одлуката за амнестија на чешкиот претседател Вацлав Клаус, јави дописникот на МИА од Прага.
Во петицијата, која според претставниците на граѓанските асоцијации, ја потпишале 73.000 граѓани и 27 сенатори се предлага да биде поднесена жалба до Уставниот суд на Чешка поради сомневање дека со „амнестијата и запирањето на повеќе кривични постапки е извршено велепредавство”.
Иницијативата за оценка на уставноста мора да биде потпишана од 27 сенатори и да биде одобрена од Сенатот на седница. Според претседателот на Сенатот Штех, сенаторите веќе се состанале и разговарале за исправноста на амнестијата и какви мерки да преземат во иднина за да не дојде до „сличен срамен случај“ како што за тоа се изрази претседателот на Уставно-правната комисија Мирослав Антл.
Една од разгледуваните варијанти е и измена на Уставот, иако експертите не ја поддржуваат таа постапка. Со амнестијата која претседателот на Чешка, ја прогласи на 1 јануари оваа година беа опфатени околу 20.000 лица меѓу кои и вршители на стопански дела за кои повеќе од 8 години не била завршена кривичната постапка.