ХИВ/сида се шири во Македонија – за пет недели се регистрирани пет нови случаи, од кои тројца се студенти од универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, јави Сител. Најмладиот е на 19 годишна возраст а другите двајца имаат 24 и 25 години.
Од петте новорегистрирани, само еден имал сида и веќе е починат, а останатите се носители на вирусот. Починатиот бил на 65-годишна возраст.
Според епидемиолозите, бројките се алармантни.
– Двајца од овие се од Штип, еден од Кочани, еден од Скопје и еден од Куманово. Кај тие од Штип и Скопје преносот е МСМ, маж со маж, а има еден интравенски корисник на дрога. Зголемен е бројот на ХИВ позитивни. Имаме и еден смртен случај од сида, кој е на 65 години – вели прим.др. Жарко Караџовски, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.
Со последните пет случаи, бројката на заразени или заболени годинава достигна до 31.
Епидемиолозите алармираат – само за осум месеци од годинава има повеќе од 27-те регистрирани во 2013. Дури 20 од новозаразените вирусот го добиле во однос маж со маж.
– Мора да кажеме дека бројот драстично се зголемува. Она што треба да се направи е поголема едукација и советување на популацијата – вели Караџовски.
Експертите велат дека во откривањето на случаите на ХИВ/сида има и зголемениот интерес за тестирање кое е доброволно, доверливо и бесплатно.