Во касата на Македонската радиотелевизија во 2011 година се слеале неверојатни 5 милиони евра, покажуваат податоците изнесени во публикацијата „МРТ – јавен сервис на граѓаните?“ што денеска ја објавија невладините НВО инфоцентар и Центарот за развој на медиуми.
Податокот го обелодени директорот на ЦРМ, Роберт Беличанец, на дебатата насловена: Независен јавен сервис – (не)возможна мисија.
Никој од поканетите менаџери и уредници на МРТ не се одзва на поканата за дебатата и оттука, немаше објаснување за потеклото на тие 5.117.944 милиони евра кои се прикажани како „останати приходи“ за 2011 г. За споредба, во 2010 г., како „останати приходи“ се прикажани вкупно 385 илјади евра или13 пати помалку.
На трибината, раководителот на проектот Биљана Бејкова од НВО инфоцентарот изјави дека според длабинската анализа за работењето на МРТ во периодот септември 2012 – јануари 2013 г., кој се совпаѓа со тајмингот кога е прогласено реформирање на јавниот сервис, наодите покажуваат дека националната телевизија не ги исполнува своите основни функции. Иако законската поставеност овозможува автономија, зависноста на МРТ од буџетот, но и тоа што вработените имаат статус на јавни службеници, доведува до поткопување на автономијата и независноста на јавниот сервис, кој е оценет во извештајот како инструмент на власта. Документите до кои дошол тимот што го подготвувал извешајот (со помош на Законот за пристап до информации од јавен карактер), покажуваат дека Советот на МРТ, кој треба да биде одраз на интересот на јавноста во креирањето на програмските содржини, наместо да дава инструкции до Управниот одбор, ситуацијата е обратна. Исто така, регистрирана е значителна комерцијализација на јавниот сервис од септември наваму, што беше оценето како негативна појава од страна на гостинката од Хрватска, Викторија Цар, доцентка на Факултетот за политички науки во Загреб. При изборот на надворешни проекти што ќе се вклопат во програмската шема на МРТ, според изготвувачите на проектот, исто така им скандалозни практики.
– Сите договори со независни продуценти или копродукции се разликуваат по својата форма, што наведува на заклучок дека не постои стандардизиран договор за набавка на ваква програма. Ниту еден од нив, нема во себе вградено строго определени стандарди што емисијата треба да ги исполнува, освен генерални констатации , како на пример во случајот со договорот „Ток шоу ЧОМ“ склучен со Томато продукција во која стои дека се работи за „ток – шоу од светски размери“.
Иако имаше значајно присуство на дискутанти, слaб беше медиумскиoт интерес за пренесување на оваа дебата. Не дојде екипа на МРТ.