Пендаровски: Во мојот кабинет ќе нема место за оние кои се огрешиле од законот

Од:

Сите оние кои се огрешиле од законот нема да можат да работат во кабинетот на Претседателот ниту во Агенцијата за разузнавање, ниту пак во Армијата на Северна Македонија, изјави Стево Пендаровски, новоизбраниот претседател, во врска со информациите дека се отворени постапки од обвинителството за четири лица од кабинетот за учество во неколку немили настани и за лица вработени во Армијата.

„Четворица вработени се во фаза на предистражна постапка, но тоа веќе не е моја работа. Јас како претседател не можам да коментирам ниту судски одлуки, а особено не истраги во рана фаза. Можам да кажам само дека сите кои се огрешиле пред законите нема да можат да работат во институциите под моја надлежност“, рече тој, додавајќи дека во разузнавачките служби во земјава потребно е да се направат значајни реформи, иако досега е постигнат извесен напредок.

Пендаровски рече дека во неговиот кабинет ќе нема место за политички реваншизам.

„Една од моите први задачи ќе биде на сите вработени таму да им кажам да не се плашат бидејќи политички реваншизам нема да има. Се разбира, оние кои работеле во согласност со законите. Тие нема да почувствуваат дека има нов човек во кабинетот“, рече тој.