Локалната самоуправа е еден од најзначајните сегменти во општеството кој што има директно влијание на квалитетот на живеење на граѓаните преку испораката на услугите, локалниот економски и социјален развој и создавање амбиент за подобрување на стандардот на живеење и демократскиот локален развој, кој што директно се рефлектира на демократските процеси во државата.
Ова го истакна заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески на регионалниот форум „Процесот на децентрализација во Македонија“, во организација на Цивика мобилитас заедно со уште три невладини организации. Според него, потребно е реафирмирање на процесот на децентрализација и свртување кон реалните потреби на граѓаните.
– Преку Министерството за локална самоуправа се реализираат 4,5 милиони евра за финансирање на 98 проекти за развој на планските региони, за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби. Тенденција е овие средства да се зголемуваат секоја година. Проектите кои што се финансираат од Програмата за рамномерен регионален развој се распределуваат според степен на развиеност и се приоретизирани од страна на општините и на планските региони, во консултација со граѓаните. Тоа е додадената вредност на оваа програма, рече Павлески.
На присутните им се обрати и Сибил Сутер Тејада амбасадорка на Швајцарија во Македонија.
– Кога зборуваме за децентрализацијата на власта во контекст на Цивика мобилитас за нас тоа е двостран пристап најпрво зборуваме за децентрализацијата на власта и споделувањето на одговорностите меѓу централната и локалната власт. Второ во рамките на Цивика мобилитас, исто така, зборуваме за децентрализацијата на секторот на граѓанското општество и сметаме дека за да се има силно граѓанско општетсво и моќно граѓанство ние треба да ги искористиме бенефициите на развојот на граѓанското општетсво во секој агол од земјата и овој форум е конкретен доказ за ваквиот пристап, потенцира амбасадорката Тејада.
Воедно, рече дека е цврсто убедена дека со очекуваното започнување на процесот на преговори за членство во ЕУ, децентрализацијата во Македонија ќе стане уште поважно прашање
– Јас се надевам дека швајцарската подршка во овој процес преку Цивика мобилитас ќе станува дополнителна вредност. Како што знаете Швајцарија е земја, која е високо децентрализирана и швајцарскиот народ силно верува дека демократијата треба да започне на локално ниво, потенцира Тејада.
Александар Кржаловски национален тим лидер на програмата Цивика Мобилитас и извршен директор на МЦМС во изјавата за МИА, појасни дека ова е еден од серијата форуми на Цивика мобилитас програма на Швајцарската амбасада, која веќе четвртта година се спроведува во Македонија.
– Целта на форумот е да видиме до каде е со процесот на децентрализација, каква е соработката помеѓу општините и невладиниот сектор и како функционираат комисиите за меѓуетничка соработка во секоја од општините, потенцира Кржаловски
Воедно, информира дека едни од најбитните теми на дискусиите досега биле рудниците во источна Македонија и депониите во Западна Македонија и тоа, според него, довело делумно до референдумите за рудниците кои се одржаа во источна Македонија, како и за решавање на депонијата во Струга и проблемот во Тетово за регионална депонија.
Инаку, на регионалниот форумот во Велес присутните градоначалници и претставници на граѓанските организации дискутираа како да се дојде до поефикасна, поинклузивна и потранспарентна локална самоуправа и рамномерен регионален развој.
