Од октомври електронска наплата на патарините

Од:

Од 1-ви октомври патарините на Коридорот 8 и Коридорот 10 преминуваат во надлежност на Агенцијата за државни патишта. Директорот Љупчо Георгиевски најави модернизирање на патарините и електронска наплата прво на Коридорот 10, а веднаш потоа и на Коридорот 8.

На денешната средба со новинарите Георгиевски информира дека е направена нова систематизација со која се опфатени и 250-те вработени од „Македонија пат“ кои работат на патарините и кои ќе треба да се придржуваат кон новиот правилник за работа.

Со преминувањето кај нас тие потпишуваат дека ќе ги почитуваат Правилникот и нашите акти каде стои дека мора да има резервен инкасант, раководител и 24-часовно присуство на дополнителен помошник раководител. Недозволиво е од четири наплатни рампи да работи само една и не смее да се случи рампата на патарините да биде подигната. Доколку не се почитува Правилникот ќе бидат спроведени санкции кон вработените, истакна Георгиевски.

Најави засилени контроли и воведување на бесплатна телефонска линија за граѓаните на која ќе може да пријавуваат нерегуларности. Планирано е наскоро средување на наплатните рампи и со осветлување и соодветна сигнализација.

На 4 септември истекува и рокот за тендерот за електронска наплата на патарините од Коридорот 10. Од Агенцијата за државни патишта се надеваат дека до крајот на годината ќе познат изведувачот, а рокот на изведба е 18 месеци.

– Почнуваме со Коридорот 10, а потоа и со Коридорот 8. Најчесто Коридорот 10 се користи од странците кои патуваат низ Македонија од Србија кон Грција. Сепак имаме укажувања дека веднаш ќе треба да се почне и со Коридорот 8, посебно во делот каде веќе имаме автопатско решение, односно од Скопје до Гостивар, појасни Георгиевски.

Засега со воведувањето на електронскиот систем на наплата, како што истакна Георгиевски, не се планира поскапување на патарините, но подвлече дека Македонија има најниска цена на патарините.

Електронската наплата на патарините е замислена со цел да се иземе човечкиот фактор така што плаќањето ќе биде со картички, а странците ќе имаат опција да плаќаат со банкарски картички. Тендерот е замислен во две фази. Во првата фаза заинтересираните компании кои засега се 30-тина треба да се предложат соодветни решенија по што по изборот на најдобрите во втората фаза компаниите ќе треба да предложат цени за изведба.

Агенцијата за државни патишта планира да распише и тендер за собирање на средствата од наплатните рампи, односно собирањето на парите најверојатно ќе се врши преку банка која ќе биде задолжена еднаш во текот на денот да гарантира за парите и да ги уплати на сметката на Агенцијата за државни патишта.