Партнерството меѓу граѓанските организции и властите е основен предуслов за развој на отворено општество во Македонија

Од:

Македонија може да има отворено општество преку партнерство на граѓанските организации и власта преку кое ќе се обезбедат транспарентни и отчетни институции отворени кон граѓански предлози, но и кон критики кои треба да се прифатат во контруктивна насока. Ова се дел од заклучоците кои произлегоа од последниот ден на дводневната конференцијата „Има ли шанси отвореното општество во Македонија“ со која Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) вчера го заокружи одбележувањето на 25-годишниот јубилеј.

Министри, претставници на граѓанските организации и странски експерти вчера дискутираа за транспарентни и отчетни институции како императив за одговорна власт, за граѓанското општество и за тоа каков граѓански ангажман ни е потребен, при што завршија со дискусија за тоа како Македонија може да стане отворено општество.

Заокружувајќи ја конференцијата, извршната директорка на ФООМ, Фани Каранфилова – Пановска, истакна дека сега е вистинско време да се направи анализа што почнаа граѓанските организации и институциите на планот на отвореното општество, што постигнаа и кои се идните предизвици пред кои се исправени.

– За да имаме отворено општество, мора да имаме институции кои се компетентни, со интегритет, кои се ефикасни и се сервис на граѓаните. Очекувањата на граѓаните во овој поглед се огромни и постои висок ризик да не се реализираат очекувањата дека долгогодишната недоверба ќе се претвори во доверба. А ако немаме доверба во институциите, немаме систем. Покажувањето немоќ да воспоставиме систем може да резултира со апатија и индиферентност, нешто што во моментов најмалку ни треба – рече Каранфилова – Пановска.

Таа потенцираше дека граѓанските организации и институциите мораат да го надминат меѓусебниот јаз, да ја подобрат меѓусебната доверба и комуникација, како и да најдат одржливи механизми за учество на граѓанското општество во креирањето политики.

Зборувајќи за транспарентни и отчетни институции, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, рече дека транспарентноста на институциите не може да се регулира со закон, туку таа треба да е плод на политичка култура, еволуција и сензибилизација до кои се стигнува преку долг процес. Според Манчевски, транспарентноста на актуеалната влада е меѓу стратешките приоритети и досега дава резултат, но нагласи дека треба уште повеќе да се работи на ова поле.

– Транспарентноста е инструмент во рацете на граѓаните којшто им овозможува да ја оценат релевантноста на процесите и одлуките донесени од институциите. Понекогаш таа е оружје со кое тие се борат против корумпираната држава, понекогаш алатка за подобрување на ефикасноста и одговорноста на Владата. Потребата граѓаните да ги имаат сите информации и податоци за тоа што институциите работат, не треба да е прашање за дебата. Тие податоци се на граѓаните и ние мора да ги обезбедиме – рече Манчевски.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, се осврна на начините на кои Македонија може да стане отворено општество. Таа нагласи дека борбата за отворено општество не е запрена.

– Демократијата не секогаш нужно гарантира дека општеството е отворено. Ние како институции треба да се критикуваме, но и да дозволиме да нѐ критикуваат конструктивно со цел да бидеме подобри. Сѐ уште сме во зародиш на воспоставување системи кои значат основа за комуникација со граѓанското општество и вклучување на граѓаните во процесите на донесување одлуки – рече Царовска.

Претставниците на граѓанските организации, Џабир Дерала од ЦИВИЛ – Центар за слобода и Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини зборуваа за насоките кон кои треба да се движи граѓанското општество и за предизвиците со кои тоа треба да се справи. Дерала се осврна на бавната правда, како еден од најголемите предизвици во моментов, додека Цветковиќ ја нагласи неопходноста од тоа власта да го слуша гласот на граѓанските организации.

– Државата и властите мора да останат отворени и да го слушаат гласот на граѓанското општество, особено тогаш кога нема да им се допаѓа она што имаме да им го кажеме – истакна Цветковиќ.

Конференцијата „Има ли шанси отвореното општество во Макеоднија“ беше последна во серијата конференции кои ФООМ ги организираше за одбележување на 25-годишнината од работата на Фондацијата во Македонија. На овие конференции се дискутираше на различни теми од големо општествено значење, како што се образовние, култура, здравство, правда и сл.