Ако пратениците од СДСМ и коалиционите партнери не се вратат во парламентот, во ноември ќе се распишат предвремени парламентарни избори, изјави Илија Димовски за Телма.
Времето ќе покаже дали изборите ќе се распишат само за испразнетите 31. пратеничко место или пак за нови 123. Уставните рокови течат, мора да се стави крај на политичката криза. Нема простор за калкулации. Собранието ќе биде доведено до ѕид, не би посакал оваа политичка криза да заврши на таков начин, секој носи своја одговорност – вели Димовски за ТВ Телма.
Едно од петте барања на СДСМ во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ беше да се формира техничка влада која ќе спроведе фер и демократски избори. На тоа ВМРО-ДПМНЕ одговори дека ниту сега, ниту во иднина ќе го прифати барањето за формирање техничка влада во која било форма.
– Подадовме рака и очекуваме СДСМ да донесе правилна одлука во наредниот период – порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски викендов ги повика пратениците од опозицијата да се вратат во законодавниот дом најдоцна до 8 октомври, кога всушност треба да биде објавен и Извештајот на Европската комисија. Доколку тоа не го сторат и го условуваат политичкиот дијалог, тогаш тој рече дека ќе биде принуден да свика седница на која ќе се констатираат оставките на пратениците.