Паркот „Фредерик Шопен“ во Кисела Вода како оние од хорор филмовите

Од:

На само педесетина метри од просториите на општина Кисела Вода, се наоѓа паркот „Фредерик Шопен“ кој наместо да потсетува на уметнички и урбан простор каде младите треба безгрижно да се движат и играат се повеќе наликува на оние ужасни мрачни паркови од хорор филмовите. Паркот со денови по заоѓањето на сонцето е целосно во мрак, полн е со шут и отпад и ги поседува идеалните услови за престој на зависниците од дрога и алкохол на овој дел од населбата во кој патем живеат голем број деца и млади.

Паркот е стациониран веднаш до основното училиште „Невена Георгиева Дуња“ и се до пред локалните избори важеше за дувло на зависниците од дрога и алкохол. Поранешната градоначалничка на Кисела Вода, воедно и актерка, Билјана Беличанец Алексиќ, четири години за жителите на општината не направи ништо па непосредно пред локалните избори минатата година одлучи да му даде уметнички впечаток на паркот поставувајќи клупи кои наликуваат на пијано и бандери во облик на виолински клуч.

Единствената работа која Беличанец Алексиќ ја сработи во својот четиригодишен мандат беше набрзина прегазена од новиот градоначалник Филип Темелковски, кој „уметничкиот“ парк за кратко време го остави запуштен. Тој не само што не ги поправи хендикепите кои настанаа по реконструкцијата на паркот, туку го остави и целосно без светло, па така жителите често се здобиваат со повреди додека поминуваат низ него неможејќи од темнината да ги увидат дупките и пукнатините на патеките, големите вирови кои настануваат поради протекување на фонтаната и срчите од искршените шишиња.

Жителите од овој дел на општината стравуваат од најлошото, повторно враќање на зависниците кои доаѓаат од болницата за зависници која се наоѓа исто така во Кисела Вода и веќе долг период претставува агонија и страв за жителите кои секојдневно се под седативи поради неконтролираното дивеење на зависниците кои наместо да бидат задржани во болницата, дневната терапија им се дава на рака, а потоа слободно шетаат низ населбата.

Овие луѓе секојдневно лежат голи по уличните тротоари, внесуваат наркотични средства на јавни места и ги малтретираат граѓаните на улица и во автобусите на ЈСП. Покрај многуте ветувања во предизборната кампања на актуелниот градоначалник, беше и решавањето на овој проблем преку релокација на болницата, но Темелковски се уште нема преземено никакви активности во врска со тоа.

Што се однесува до осветлувањето на улиците и останати инфраструктурни проблеми, општината е во релативно лоша состојба, речиси секоја втора улица е со отворени дупки, неосветлена или пак со нефункционални семафори и светлосни знаци што е причина за зголеменото незадоволство кај граѓаните од новиот градоначалник.

Виктор Јованов