Отворена спортска сала „Македонија“ во Ростуше

Од:

Во општина Маврово Ростуше денеска беше отворена прва повеќенаменска спортска сала во оваа општина, која е дел од проектот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) за изградба на 35 спортски сали и 50 фудбалски игралишта.

Салата се простира на површина од 1.300 метри квадратни и има капацитет од над 400 седишта и опрема за повеќе рекреативни спортови, како мал фудбал, ракомет, кошарка, одбојка, гиманстиока, пинг-понг и соблекувални под трибините.

Вредноста на спортската сала „Македонија“ е 35 милиони денари, а изведувач на работите беше ГП „Пелагонија“. Планирано е таа да биде дел од поголем спортско рекреативен комплекс „Радика“, за кој локалната самопуправа веќе има дефинирано план тој да се прави по пат на јавно-приватно партнерство.

На свеченото отворање на салата се обрати премиерот Никола Груевски, како и директорот на АМС Александар Пујовски и градоначалникот на Маврово Ростуше Мукрем Мехмеди.

Претседателот на Владата истакна дека реканскиот крај е меѓу регионите каде што не е инвестирано во капитални спортски објекти и до 50 години. Наведе дека салата е лоцирана во центарот на регионот на Ростуше за тој да заживее и да им биде блиску на сите околни села и населени места.

– Со денешното пуштање во употреба салата и ја отстапуваме на општина Маврово Ростуше и неа ќе може да ја користат сите спортски клубови, спортисти и ученици.Часовите по физичко воспитување нема повеќе да се одржуваат во училници и по ливади, туку во нормални услови, во модерна сала и со најсовремена спортска опрема. Особено ме радува тоа што го најави градоначалникот дека општината ќе гради и други спортски терени во околината на салата со што регионот ќе добие голем спортски комплекс во кој верувам ќе се родат многу спортски таленти, рече Груевски.

Тој посочи и на други проекти што се финансирани во изминатиот период, како што е амбулантата во Скудриње, реконструкција на локалниот пат Велебрдо-Требиште, изградба на патот за село Сенце, резервоари за вода во Скудриње, Жировница, Требиште и Маврово, изградба на нова училишна зграда за средното општинско училиште, како и постојана туристичка промоција на овој крај.

Во наредниот период, наведе Груевски, ќе се реконструира патот Ростуше – Велебрдо, како и патиштата за Жировница и патот Маврово – Маврови Анови, ќе се гради нов пристапен пат за Скудриње и нова водоводна мрежа во селото Ростуше.