Отворен повикот за грантови за проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“

Од:

„Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ е проектот, што денеска беше презентиран од Метаморфозис, како носечка организација и Евротинк, како партнерска.

Проектот се спроведува во периодот од 1 јуни 2018 до 31 декември 2020 година, со поддршка на ЕУ.

– Да се зголеми критичното мислење во Македонија, а пред се тоа да се направи со јавна едукација поврзана со медиумската писменост, граѓаните да бидат поподготвени да ги примаат содржините од медиумите и да бидат подготвени да ги процесираат како инпут и да се справат со можноста да бидат дезинформирани или да бидат цели на одредена пропаганда, е целта на проектот, појасни програмскиот директор на Метаморфозис, Филип Стојановски.

Основна цел на проектот е да промовира медиумска писменост како основа за зачувување на правото на граѓаните да имаат различни мислења, преку стимулирање на култура за критичко мислење, плурализам на мислења и демократски вредности.

– Сакаме на граѓаните да им понудиме можности преку проектот да се вклучат во јавната дебата за поголема одговорност и отчетност од медиумите. Тие не се само комерцијални бизниси, туку се важен столб од чија работа зависи опстанокот на демократијата во земјата, вели тој.

Во рамки на проектот се превидени повеќе активности – Креирање образовни содржини и алатки, градење капацитети на ГО и на граѓаните преку јавно неформално образование, каде е опфатена шемата за мали грантови за коалиции меѓу локални граѓански организации, медиуми и институции, активности за видливост, истражувања базирани на докази како основа за креирање јавни политики и препораки за идни реформи во оваа сфера.

Како што појасни Стојановски, преку проектот ќе се врши застапување со цел медиумска писменост да стане дел од главните текови во формалното образование.

Во рамки на активноста за градење на капацитетите на ГО предвидени се два циклуса за доделување грантови.

Првиот, како што појасни Горан Лазаров од Евротинк почнува од денеска и ќе трае до 6 јули. Вкупната вредност е околу 50 илјади евра, односно од пет до илјади евра за осум партнерства меѓу ГО, медиуми и други чинители, по еден од секој од осумте плански региони. Проектите ќе траат шест месеци.

Носители на гранотовите можат да бидат локални ГО без никакви ограничувања од типот колку време треба да постои организацијата, каква е мисијата, идејата е проектите за кои ќе аплицираат да бидат поврзано со главната цел на проектот – зголемување на медиумската писменост кај граѓаните.

Во рамки на проектот планирана е и мобилна апликација за помладата публика, за која оваа содржина ќе се прилагоди на начин, кој е соодветен за нив.

Емилија Петреска Камењарова, како претставик на АВМУ, која е дел од советодавниот одбор на проектот, истакна дека овој тип на проекти биле посакувани кога била инцирана Националната мрежа за медиумската писменост.

– На овој начин се овозможува покревање на медиумската писменост кај сите генерации во Македонија, а ова е нешто на што се работи и во други држави во Европа, додаде таа.

Петреска Камењарова истакна дека во сржта на медиумската писменост е да ги оспособиме граѓаните критички да ги разбираат медиумските содржини за да можат да издвојат што е информација, што е коментар, што е пропаганда, што е дезинформација, што е лажна вест.