Градоначалниците на општините од полошкиот регион, ја официјализираа иницијативата за подобрување на меѓуопштинската соработка во управувањето со поплавите и другите придружни ризици.
Иницијативата е поддржана од УНДП во рамките на проектот Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Швајцарскиот Секретаријат за економски прашања (SECO).
Постојаната претставничка на УНДП во Македонија Луиза Винтон, како што информираат организаторите, на средбата со градоначалниците и претседателите на советите на општините од полошкиот регион, рекла дека за да се постигне вистинско подобрување на отпорноста кон поплави, надворешната поддршка не е доволна.
– Решенијата треба да произлезат од најзасегнатите и најзагрозените – од самите заедници и од надлежните институции на локално и централно ниво, посочила Винтон.
На работниот состанок во Тетово, биле разгледани и целите на проектот, како и последните резултати од сеопфатните анализи на ризикот од поплави во регионот.
