Општина Кисела Вода: Работиме на надминување на проблемот со излевањето вода на улицата Речиште во Драчево

Од:

Општина Кисела Вода реагира на денешната изјава на ВМРО-ДПМНЕ, во врска со излевањето на вода на улицата Речиште во Драчево.

„Во врска со проблемот со излевање на отпадна вода по поројниот дожд на улицата “Речиште” во селото Драчево, сакаме да ве известиме дека Општина Кисела Вода е запознаена и активно работи на негово надминување. Градоначалникот Темелковски е на терен и врши увид во активностите за расчистување на теренот од страна на општинските служби, во постојана комуникација е и со ЈП “Водовод и Канализација” и во наредните денови се планира средба на оваа тема на највисоко ниво.

Инаку, канализацијата на овој потег е изградена во 1998 година. Општината во повеќе наврати презема мерки со изградба на дополнителни краци на фекалната канализација, со мониторинг од страна на ЈП “Водовод и Канализација”. Дел од целата мрежа е примена од нивна страна, но постои дел кој не е примен затоа што мрежата е градена врз ниви, каде не се решени имотно-правни односи и нема манипулативен пат, како механизацијата на ЈП “Водовод и Kанализација” би можела да има пристап до веќе изградените шахти.

Општина Кисела Вода пред еден месец исчисти дел од мрежата до каде што имаше пристап. Во моментов, повторно се врши чистење и заедно со ЈП “Водовод и Канализација” се работи на изнаоѓање на соодветно решение кое ќе биде долгорочно и трајно ќе го реши долгогодишниот проблем што го имаат жителите од овој дел на градот“ се вели во реакцијата на општина Кисела Вода.