Општина Гази Баба бара Антикорупциска да го преиспита случајот против градоначалникот

Од:

Од кабинетот на градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски бараат да се преиспита случајот со распишувањето оглас за агенција за обезбедување за време на изборната кампања, бидејќи „соопштението за јавната набавка за обезбедување на училишта било објавено на нивната веб страна, а не во медиумите“.

„Во конкретниот случај станува збор за набавки од страна на основните училишта и градинки кои се наоѓаат на територија на општина Гази Баба. Таа набавка е дел од програмата за 2018 година, а ќе биде реализирана и во 2019 година, што значи дека уредно беше вметната во годишната програма како проект пред распишувањето на изборите, односно дека општина Гази Баба не го прекршила Изборниот законик. Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски на оваа тема не одржал прес конференција, ниту дал изјава за некој медиум. Јавноста била информирана со соопштение за редовните активности на градоначалникот“, информираат од кабинетот на градоначалникот Георгиевски.

Антикорупциската комисија за ова отвори случај по приговор што го поднесе ВМРО-ДПМНЕ. Според приговорот, во време кога биле распишани изборите, општината распишала јавен оглас за ангажирање на агенција за обезбедување која физички и партолно ќе ги обезбедува сите 11 училишта во општината и двете градинки, на сметка на општината, наместо оваа обврска да ја плаќаат родителите.

Антикорупциската утврди дека иако во годишниот план на општината биле издвоени пари за оваа намена, сепак спорно е соопштението објавено за настанот од страна на општината кое потоа било објавено во неколку медиуми, за што ќе се иницира прекршочна постапка.

Габриела Димковиќ Мишевска