Пратениците од опозицијата денеска се вратија во Собранието на Република Македонија, согласно договорот од Пржино за надминување на политичката криза.
Во текот на денот се очекува изјава од лидерот на СДСМ Зоран Заев, а прес-конференција има најавено и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицискиот блок, како што е најавено, ќе функционира во Парламентот како една пратеничка група.
Пратениците од СДСМ не учествуваа во работата на Собранието, откако по завршувањето на парламентарните избори во април лани, претседателот на партијата Зоран Заев објави дека не ги признава изборните резултати.
Според протоколот кон договорот од 2 јуни, што на 15 јули го потпишаа лидерите на четирите најголеми политички партии, две недели по враќањето на опозицијата во Собранието, односно до 15 овој месец треба да биде избран нов специјален обвинител со целосна автономија да ја води истрагата за случаите „Прислушување“ и „Пуч“. Специјалниот обвинител се именува преку договор на партиите потписници.
Лидерот на СДСМ Заев завчера изјави дека враќањето во Парламентот е со цел да се донесе законот за специјалниот обвинител до 15 септември.