Силното невреме кое што го погоди Охрид вчера оштети делови од кејот, старото пристаниште, пешачките патеки, како и платформите на угостителските објекти покрај езерото.
Во текот на вчерашниот ден во Охрид дуваше ветер од над 90 километри на час, а поради високиот водостој на езерото брановите направија хаос покрај брегот.
Од ветерот паднаа неколку дрва, а оштетени се и неколку кровови и фасади во градот и околните населени места.
Екипите на градските јавни претпријатија утрово се на терен и ги расчистуваат последиците од невремето, кое според охриѓани е најсилно по тоа во 1996 година кога беше оштетен дел од градскиот кеј.
– Во Охрид вчера дуваше силен ветер од јужен правец чија брзина изнесуваше над 90 километри на час, што го разбранува Охридското езеро. Силниот ветер од над 90 километри на час, предизвика бранови во висина од 120 сантиметри, велат од Кризниот штаб на градот.
Правните и физичките лица кои се оштетени од невремето од понеделник ќе можат да поднесат барање за обесштетување. Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди по пријава ќе излезе на терен.
