Охрид и Крушево мрдаат со прст за почиста околина

Од:

Граѓанската иницијатива Мрдни со прст продолжува со активностите за покревање на јавната свест за индивидуалниот придонес и одговорност при решавање на општествените прашања со кои граѓаните се соочуваат во своето секојдневневие.

На 2-ри август во рамките на еко велосипедската рекреативна тура “Tour De Lakes” која во еден ден ги обедини Охридското Езеро, Преспанското Езеро и Галичица, 150 велосипедисти и бројни љубители на велосипедизмот и забавата, одговорно мрдаа со прст со цел зачувување на животната средина и собирање на отпадот на 150 и 90 km стази и охридските плажи.

Велосипедистите беа опремени со специјални ранчиња во кои тие можеа да го сочуваат својот отпад во текот на возењето, а по завршувањето на долгиот предизвик се придружија на околу 600 посетители на почетната точка од турата на охридската плажа „Кј Дивоно” (Gorica Beach) на само еден километар од Охрид, каде преку забава ја чистеа плажата и уживаа во прекрасниот празничен ден покрај Охридското Езеро. Атмосферата ја загреа DJ Panco кој со својот DJ настап помогна во мрдањето на прстите на голем дел од присутните, но и на изморените велосипедисти кои што по завршувањето на турата се опуштија на плажата.

Мрдни со прст ќе ги размрда посетителите на фестивалот “Outdoor Festival When in Krushevo” кој ќе се случува овој викенд од 4-ти до 6-ти  август на Крушевското Езеро. Сите посетители ќе мрдаат со прсти за прекрасната природа околу Крушевското Езеро каде што и се одржува фестивалот, а истите ќе учат и на дело ќе покажат дека со селекција на отпадот ќе се намали ѓубрето во природата. Целта е да се покаже дека и после голем фестивал каде што има и камп може природата да остане незагадена и чиста. Покрај тоа, Крушевчани, но и сите посетители од цела Македонија ќе имаат можност покрај грижата за природата да се забавуваат со Фолтин и други познати DJ-и кои ќе го надополнат спортско – рекреативниот викенд во кој ќе се вози велосипедска тура и ќе се одржи планинско трчање.

Со овој настан Мрдни со Прст продолжува со активностите за подигнување на свеста на граѓаните за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец.  ,,Tи си на потег” како слоган  на кампањата го повикува секој граѓанин да даде своја идеjа, да се вклучи и да реализира активности со цел да направи одреден придонес во заедницата во која живее.