Сто години од раѓањето на oсновоположникот на нуклеарната медицина во Македонија, академик Исак С. Таџер, и 60 години од почетоците на нуклеарната медицина во државата, беа обележани денеска на свечен собир кој се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.
МАНУ го организираше настанот во соработка со Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Здружението за нуклеарна медицина на Македонија и Македонското лекарско друштво.
Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Таки Фити рече дека Исак С. Таџер е врвен универзитетски професор, истражувач, брилијантен лекар, основоположник на современата медицинска наука во Република Македонија, втемелувач на научните дисциплини патофизиологија и нуклеарна медицина, кој има врвни резултати во областа на едукацијата, високото образование и научно-истражувачката работа, но и во неговата хумана професија како лекар.
– Се гордееме со делото и со ликот на академик Таџер, затоа што тој има објавено околу 300 научни трудови од кои дури 80 се на англиски, 10 на германски, осум на француски, 87 на српско-хрватски, а 109 се на македонски јазик. Значи една третина од неговите научни трудови се на најголемите светски јазици и тоа лично го афирмираше него како врвен научник. Меѓутоа, исто така тоа беше афирмација и за МАНУ и за Република Македонија и науката воопшто, истакна Фити.
Во образовната дејност, нагласи, познат е како брилијантен едукатор, кој ги пренесувал своите знаења на генерации наши доктори, познати професори…
– Тој ја напишал првата книга односно универзитетски учебник од областа на патологијата општ дел, на македонски јазик ја објавил 1973 година…Беше човек со едно енциклопедиско знаење од областа на медицината, а од тоа сигурно дека бенефицираа ијладници негови пациенти, додаде Фити.
Ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје, Никола Јанкуловски рече дека името на академик Исак Таџер ќе остане забележано во историјата на македонската медицина како основач на патофизиологијата, нуклеарната медицина, по значајните дела од областа на хемостазата, по оригиналните експерименти, прекрасните предавања и учебниците кои на бројни генерации лекари во Македонија и надвор од неа им овозможија да ги разберат етиопатогенетските механизми на заболувањата и врз основа на тие базични знаења, да станат добри лекари.