Министерот без ресор во Владата, задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во земјава, Самка Ибраимоски, денеска присуствуваше на комеморација на холокаустот на Ромите од Македонија во втората светска војна, која е во организација на неговиот кабинет и се одржа во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје.
Ибраимовски пред присутните истакна дека, почнувајќи од оваа година, секоја година на 5-ти август во Македонија ќе се одбележува денот посветен на геноцидот врз македонските Роми.
На одблежувањето на овој ден присуствуваа и министерот за култура Роберт Алаѓозовски, министерот без ресор Зоран Шапуриќ, Мајкл Марголис, од конзуларното претставништво на САД во Македонија, директорот на USAID во Македонија Едвард Гонзалес, амбасадорот на Република Италија во Република Македонија Карло Ромео и Претседателот на Фондот на Холокаустот на евреите во Македонија, Благоја Младеновски.
– Македонскиот народ и етникумите што живеат во Македонија – Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Евреи и други, дадоа голем придонес во отпорот и победата над фашизмот. Во Македонија, во текот на Втората светска војна паднаа големи жртви во борбата против германските, италијанските и бугарските фашистички окпатори и нивните домашни слуги кои за своите неуспеси на бојното поле, својот злосторнички бес го истураа над голоракиот народ – рече министерот Ибраимоски.
Тој во своето обраќање потсети дека во македонските учебници по историја, нема информација за страшните искуства на Ромите за време на холокаустот во Македонија и низ Европа.
Со ова констатација Ибраимоски ги охрабри истражувачките проекти со кои ќе се разоткријат историски факти на оваа тема, со што, како што подвлече тој, би се дознало и за Ромите борци во втората светска војна кои не се зачувани во историската меморија на државата.