Од ноќеска рестрикции на вода во Тетово

Од:

Јавното комунално претпријатие Тетово од ноќеска половина час по полноќ ќе започне со два и пол часа рестрикции во водоснабдувањето, информира Јавното комунално претпријатие.

Оваа одлука е донесена со цел подеднакво снабдување со вода за пиење на сите граѓани во сите населби на градот, а рестрикцијата ќе трае од 00:30 до 03:00 часот. Главна причина за рестрикцијата е слабиот прилив на водата за пиење во градските резервоари и нерационално користење на водата од страна на граѓани, соопштија од ЈКП Тетово.

Според нивните податоци, количината на прилив на водата за пиење во резервоарите од планинските извори во моментов изнесува 340 литри во секунда додека Тетово има потреба од околу 500 литри во секунда.

Поради високите температури во последните денови од ЈКП Тетово апелираат до граѓаните за рационално користење на водата за пиење бидејќи, како што стои во соопштението, само така нема да има недостиг на вода за пиење во горните населби во градот.

ЈКП Тетово ги повикува граѓаните да ги пријавуваат случаите на злоупотреба на водата за пиење и да ги информираат нивните служби кога ќе се појават дефекти во водоводната мрежа.