Обвинителството продолжува со предистражната постапка и собира докази и за други лица што сметаме дека се одговорни за настаните од 27 април минатата година, изјави обвинителката Вилма Русковска по првото рочиште за крвавиот четврток.
Таа рече дека Обвинителството има предложено околу 36 сведоци и дека има многу материјални докази, како што се снимките од внатре во Собранието, снимките од мобилни телефони и од телевизиските куќи, како и снимки од камерите во Стопанска банка, каде што се гледа собирањето на групата во „Дион“ и нивното тргнување кон Собранието.
На новинарско прашање кој ја има централната улога во упадот, Русковска рече дека секоја од групите: напаѓачи, припадници на МВР, пратеници и организатори, имале своја централна фигура.
На прашањето зошто не е обвинет телохранителот на Никола Груевски, кој комуницирал на 27 април со својот брат Александар Василевски – Нинџа, обвинителката одговори дека Обвинителството не може да работи со претпоставки и озборувања. „Кога ќе имаме цврсти докази и за организаторите, или нарачателите, како што вие ги нарекувате, тогаш тие ќе бидат обвинети. Досега се обвинети само лицата за кои имаме цврсти докази“, рече Русковска.
Таа рече дека досега немала закани и притисоци во врска со судењето и дека нема намера да побара обезбедување. Судењето за крвавиот четврток продолжува со рочишта и утре и задутре
Васко Маглешов