Обвинителката Русковска: Полицијата имала наредба за пасивна употреба на сила на 27 април

Од:

Обвинителката во судењето за крвавиот четврток, Вилма Русковска, во воведниот говор рече дека пратениците кои тврделе дека ја бранеле државата од Тиранската платформа, во Парламентот не правеле ништо. „Тоа ќе го докажеме преку снимки обезбедени од собранискиот канал на МТВ“, објасни обвинителката.

Таа ги подели обвинетите во неколку групи: напаѓачи, припадници на МВР и организатори. Русковска рече дека организаторите на протестите „За заедничка Македонија“, од говорницата пред Собранието им се обраќаат на демонстрантите со потпалувачки говори: „Денеска бараме од вас гласно и прецизно и многу бучно да ги поздравите сите кои на сила седат внатре и заборваат дека на сила може да излезат од внатре“, обвинителката го цитираше обвинетиот Богдан Илиевски (Бетмен Велит). Обвинителката го цитираше и режисерот Борис Дамовски, кој говорел дека се пеела албанската химна. „Ова е окупација, мора да го одбраниме Собранието“, рекол Дамовски.

Кога толпата ја прескокнала оградата, влегле лицата со фантомки и се обидувале да ја отворат вратата, но не успевале, но затоа, според обвинението, добиле помош од пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои ги кренале заштитните греди од вратата на главниот влез во Собранието. „Единствен кој се обидел да ги спречи е сведокот од обезбедувањето Владимир Стојков“, рече обвинителката. Останатите обвинети пратеници, според обвинението, ѝ давале насоки на толпата и се поздравувале со нив. „Во пленарната сала Владо Јовановски и Игор Дурловски со говори ја разгоруваат дополнително толпата“, рече Русковска во воведниот говор.

„Што правела полицијата цело време? Ништо. Имале наредба за пасивна употреба на сила“, дополни обвинителката.

Васко Маглешов