Обвинетите за прислушувањето во предметот „Таргет-Тврдина“ на специјалното јавно обвинителство, материјалите го добивале на нивните лични компјутери, а Никола Бошкоски, гу уништил направените фотографии и видеа од дробењето на системите за прислушување, пишува во првиот преоден извештај на ОБСЕ за работата на СЈО. Единствено за ова обвинение, СЈО не објави анонимизиран примерок на нивната веб-страница, поради бројните класифицирани документи наведени во обвинителниот акт.
Во извештајот кој денеска го претставија од ОБСЕ, накусо ги пишува дејствијата на обвинетите. Во извештајот пишува: „СЈО тврди дека во февруари 2015 година, по објавувањето на бомбите, Горан Грујевски и Сашо Мијалков се обиделе да го сокријат фактот дека незаконското следење на комуникациите се одвивало во просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање. Мијалков му наредил на Грујевски да ги уништи системите Vernit и Nice Track во време кога Nice Track сè уште бил во употреба“. Грујевски, заедно со шефот на одделот за коориднација во УБК, Тони Јакимовски, воспоставил ад хок Комисија, во отсуство на какви било законски основи. Процесот го одобрила Гордана Јанкулоска, тогашната министерка за внатрешни работи. Со таквите дејствија, според СЈО, му била нанесена штета на буџетот од 87.261.058 денари.
Уништувањето на системите било изведено во 2 фази. Во првата фаза, системите биле уништени на 28 март 2015 година во отпадот за старо железо „БУ-БО Металика“, каде системите биле демонтирани и ставени во преси. Транспортот го организирале Грујевски, Јакимовски и Бошкоски. Уништувањето го извршиле неколку лица, како и двајца вработени во „БУ-БО Металика“. Еден од членовите на комисијата го снимал со видео-снимки уништувањето на системите за прислушување.
Втората фаза се одвивала на 3 април 2015 година. Грујевски, како што пишува во извештајот, им наредил на неколку членови на комисијата да се осигураат дка системите за прислушување се целосно уништени. Второто уништување се одвивало во „Еко-Циркон“ во Маџари (општина Гази Баба). Таму, двајца од вработените на компанијата го ставиле згмечениот материјал во дробилка и го издробиле. Постапката била документирана со фотографии и видео снимки. Комисијата им поднела извештај на Мијалков и Јанкулоска, докажувајќи им дека задачата е извршена, а Никола Бошкоски ги уништил фотографиите и видеоснимките од операцијата.
Елена Џ., началничка на Секторот за телекомуникации во МВР, му помогнала на Грујевски да ги сокрие доказите од следените телефонски броеви. Таа ги отстранила податоците од трите LI IMS сервери, кои биле во сопственост на трите мобилни оператори, при што, податоците ги префрлила на мемориски стик.
Во предметот „Таргет“, СЈО тврди дека Сашо Миијалков, формирал злосторничко здружување со цел незаконско следење на комуникациите од големи размери за да добива информации за сите општествени сфери. Основачи на злосторничкото здружување се началникот на петтата управа, бегалецот Горан Грујевски, и шефицата на оперативното одделение, Надица Николиќ.
Мијалков, Грујевски и Николиќ им наложиле на седуммина свои потчинети да внесуваат телефонски броеви во системите за прислушување (Vernit, Nice Track и IPS) за да ги следат комуникациите во УБК. Четворица од службениците се обвинети за злосторничко здружување, а СЈО не поднело обвиненија против тројцата службеници кои помагале во прислушувањето, зашто тие се сведоци во постапката.
Еден од нив е Звонко Костовски, главниот инженер во Одделот за одржување и телекомуникации на петттата управа во УБК, а потоа раководител во одделот за информатичка и техничка поддршка. Костовски го надгледувал техничкиот процес на спроведување на незаконското следење на комуникациите. По барање на лидерите на групата, тој креирал посебни кориснички профили и ги групирал со име „важно“, овозможувајќи им на креаторите на групата пристап до системот за надзор и можност да ги слушаат пресретнатите комуникации лично на нивните компјутери. Костовски потоа материјалите му ги предал на Ѓорѓи Лазаревски, а тој му предал на Зоран Верушевски, за на крајот, Верушевски да му ги предаде на Зоран Заев.
Судењето за масовното прислушување неколку месеци се одложува поради екстрадицијата на обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошкоски и поради фактот што судијката Џенета Бектовиќ на сите судења досега го констатираше истиот записник дека се очекува одлука на Врховниот суд за нивното екстрадирање. Следното рочиште е закажано за в петок, 31 август.
Васко Маглешов