Обвинетите во случајот „Ликвидација“ побараа од Апелациониот суд укинување на пресудите и мерките притвор.
Првообвинетиот, велешкиот судија Иле Танев рече дека е смешно неговото обвинување и очекува од повисоката судска истанца да ја исправи грешката на првостепениот суд.
За непочитување на правото на одбрана реагираа и Валентин Зафиров истражен судија и обвинителот Ивица Ефремов. Тие пред Апелациониот суд се пожалија дека во претходната постапка не им бил одобрен увид во наредбата за посебните истражни мерки користени против нив, иако тврдеа дека како обвинети на тоа имаат право.
Обвинетите се пожалија дека немале увид ниту во завршниот збор на обвинителката, а на главниот претрес не биле повикани да дадат исказ сведоците на чии искази се темели пресудата.
„Се надевам дека вие како судии ќе ја исправите неправдата направена врз нас и нашите семејства. Судиите од првостепениот суд покажаа екстремно високо ниво на политичка послушност“, рече Ивица Ефремов.
Меѓу обвинетите е и екс врховниот судија Борис Николовски. Тој праша како може судија во пензија да има моќ и да ја користи својата општествена положба.
„Мене никој не ме рецка повеќе, како сум можел да посредувам нешто“, рече Борис Николовски.
Адвокатот Љубомир Михајловски-Џанго адвокат на Валентин Зафиров, пред судиите посочи недостатоци низ целата постапка.
„Судењето се води за да се покрие лажното сведочење на заштитениот сведок“, рече Михајловски.
Сите обвинети во случајот „Ликвидација“ својата одбрана ја темелеа на пропусти за водење на текот на постапката од првостепениот суд. Првостепениот суд на судијата Иле Танев му досуди 1 година и шест месеци затвор.
Сабедин Џини-Хофман доби затворска казна од 1 година и шест месеци, истражниот судија Валентин Зафиров 5 години и шест месеци, Кежаровски 4 години и шест месеци а поранешниот обвинител Ивица Ефремов 4 години и шест месеци.
Поранешниот врховен судија Борис Николовски доби една година затвор како и адвокатот Сашко Лазаров, додека Јане Павловски-Тица беше осуден на 1 година и шест месеци.