Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР денеска го објави својот прелиминарен извештај пред изборите на 5 јуни во кој се нагласува дека политичката клима во земјава се влошила по 12 април, кога претседателот Ѓорге Иванов ги помилува сите обвинети лица под истрага и осомничени за вмешаност во скандалот со прислушувањето, и дека сите партии го осудиле таквиот потег.
Меѓународните набљудувачи нотираат дека опозицијата најави бојкот откако беа распишани изборите затоа што не се исполнети клучните услови од Договорот од Пржино. Во извештајот се сугерира и дека задоцнетите измени во Изборниот законик може негативно да влијаат.
„ДИК работи во напната политичка атмосфера, а тие се единствено одговорни за избирачкиот список. Процесот на негово прочистување е сложен, со методолошки предизвици и има потреба од големи ресурси. Меѓународната заедница е особено загрижена заради влошување на слободата на медиумите поради политичкиот притисок и мешањето на сопствениците на медиумите во работата на новинарите“, се вели меѓудругото во извештајот.
ОДИХР изразува и загриженост заради тајмингот да се спороведе истрага на финансиската полиција за домашните набљудувачи од МОСТ.