Објавен јавниот повикот за доделување општински награди на Кочани

Од:

Одборот за доделување награди на Општина Кочани го објави јавниот повик за доставување предлози за кандидати за Награда за значајни остварувања за развојот на општината и Награда за животно дело.

Според повикот, за наградата за значајни остварувања можат да се пријавуваат поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани кои придонеле во развојот и афирмацијата на општината.

Наградата за животно дело се доделува за постигнати исклучителни разултати и остварувања во областа на науката, иноваторството, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес, а по претходна оцена на Одборот за доделување награди на Општина Кочани.

– На последната седница Советот на Општина Кочани донесе одлука со која се укинува паричниот дел во висина од пет просечни плати во Република Македнија за наградата за значајни остварувања. Отсега таа ќе биде во форма на плакета што претставува стилизирана изработка на оризова ракатка, во изведба на бело злато врз темноцрвена кадифена основа, рече Емилија Серафимова, претседател на општинскиот одбор за доделување награди.

Јавниот повик за доставување предлози трае до 30 јуни, а наградите ќе бидат доделени на свечената седница на Советот на Општината, по повод Петровден, празникот на Кочани.