Управата за заштита на културното наследство пред два месеца склучила уште еден договор за реализација на проектот за возобновување на „Свети Климентовиот универзитет“ на Плаошник, пренесе порталот Билд.
Иако се наоѓа на почетокот од изградбата, финансиската конструкција на охридскиот комплекс ја надмина сумата од 11,3 милиони евра. На 14 февруари годинава е склучен втор договор со охридската компанија „Митан пром“ во висина од 400.406.357 денари или над 6,5 милиони евра. Избраниот изведувач ќе треба да ја реализира втората фаза од проектот, во која е предвидено да се подигнат објектите: Богословски факултет, Манастирски конак, Резиденцијален објект, Компјутерски центар и Афилијации на светски универзитети. Сите активности за изградбата на „Свети Климентовиот универзитет“ треба да завршат најдоцна до 2016 година.
Компанијата „Митан пром“ на терен во моментов ги извршува градежните активности за изградба на Музејот на Плаошник, Свети Климентовата библиотека и други објекти предвидени со првата фаза од проектот.
Пробиен е и заобиколен пат за непречен проток на возилата коишто се вклучени во остварувањето на проектот. Првата етапа од возобновувањето на „Свети Климентовиот универзитет“ треба да се заокружи најдоцна до 2014 година. Проценките на Управата за заштита на културното наследство велат дека за целосна изведба на комплексот ќе се потрошат минимум 24 милиони евра.