Нова влада до крајот на неделава

Од:

Лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада Димитар Ковачевски се очекува утре до Собранието да го достави предлогот за состав на владиниот кабинет и новата владина програма, а на крајот од неделава да се одржи собраниска седница за избор на владата.

Во интервју за МИА, Ковачевски вели дека подготовките за новата влада се на самиот крај, а програмата и кадровските решенија се усогласени со коалициските партнери.

Ковачевски, по добивањето на мандатот од шефот на државата, изјави дека планира владата да ја предложи околу 10-11 јануари, односно во пократок рок од уставно предвидениот.

Тој мандатот од претседателот Стево Пендаровски го добина 29 декември откако шефот на државата од СДСМ беше известен за предлог за мандатар, поддржан од политичките партии кои заедно имаат мнозинството во Собранието. По приемот на мандатот, мандатарот во рок од 20 дена, значи не подоцна од 20-тиот ден треба да излезе пред Собранието со предлог персонален состав на новата влада и програма за работа на владата.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во својата завршна годишна изјава на крајот од декември, лани, на новинарско прашање околу постапка за избор на нова влада, изрази надеж дека мандаторот нема да оди во крајните рокови, имајќи ги предвид, како што рече, преговорите што се направени претходно и најавите по однос на евентуални поединечни персонални решенија. Додаде дека очекува таа да биде функционална на 17 јануари 2022 година.

Од владејачката СДСМ за денеска најавија седница на Извршниот одбор, по што најверојатно во 20 часот ќе има состанок и Централниот одбор. Заменик – претседателката на партијата Сања Лукаревска, во изјава дадена пред божикните празници најави дека во понеделник се очекува да има седница на Централниот одбор на СДСМ на која претседателот и мандатар Димитар Ковачевски ќе ги презентира имињата за составот на владиниот кабинет, по што ќе продолжи соодветната процедура во Собранието.

Согласно Законот за Влада, Владата ја избира и разрешува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. При предлагањето на составот на Владата, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор. Владата стапува на должност со денот на изборот.