ВИДЕО: Нов протест на пазарџиите од Бит-пазар, блокиран булеварот

Од:

Пазарџиите на Бит-пазар денеска втор ден по ред го блокираа булеварот Крсте Мисирков во знак на протест против одлуката на општина Чаир и Градот Скопје да ги дислоцираат зад поликлиниката „Бит-пазар“.

Тие го блокираа сообраќајот во еден правец, од Чаир кон Центар. Велат дека се незадоволни од одлуката на градските власти да ги пренесат кај поликлиниката, затоа што, според нив, таму нема место за сите. Повеќето од нив, како што рекоа, стравуваат дека ќе останат без работа. Сакаат што побрзо да се реши целиот случај бидејќи, како што велат, многу семејства егзистираат од тезгите на пазарот.

– Нема каде да одиме, ако не не остават овде нема што да правиме. Сите луѓе што се тука избркани имаат семејства кои треба да ги прехранат. Има луѓе кои се повеќе од 35 години тука, се бориме за ова место бидејќи јадеме леб од тука. Сакаат да не избркаат па после да најдат решение, тоа не оди така прво треба да најдат решение па после да не сместат. Тука сме 400 луѓе и нема тезги за сите, вели Кемал Ибраими сопственик на неколку тезги.

Најавија дека ќе има мирни протести сè додека не се најде соодветно решение. На местото каде што се протестира е забележано присуство на полицијата.

– Изведувачите треба да имаат нормативен акт, да знаеме колку дена ќе трае целата реконструкција, имаме голема загуба, кој ќе ни ја надокнади, вака не оди, велат тезгаџиите.

– Не преместија зошто таму треба да се гради, веќе 4 дена сме тука. Ни ветија дека ќе се вратиме на местата каде што бевме, но после градењето кое заврши за 18 месеци. Овде сме кратко време, можеби уште месец или два, потоа треба да најдеме решение каде ќе одиме. Тука не може да се работи, нема услови за работа, нема вода ниту канализација, на паркинг сме, а плаќаме 20 илјади денари по тезга, велат продавачите на цвеќиња чии тезги се префрлени се позади поликлиниката на паркинг кој е во сопственост на џамијата.

Општина Чаир и Град Скопје вчера во меѓусебна координација започнаа со дислокација на трговците што се занимаваат со продажба на цвеќиња по должината на булеварот Крсте Мисирков. Продавачите се дислоцирани зад поликлиниката „Бит-пазар“, каде што никна нов цветен пазар, со цел, како што соопшти Општината, да се иницира решение за хаосот што се предизвикува на булеварот и справување со ситуацијата со јавните површини во општината. Од Градот Скопје, пак, информираа дека за сите трговци на нелегално поставените тезги на овој потег обезбедиле простор на новата локација под одредени поволни услови.

На местото каде што до вчера се продаваа цвеќиња, планирано е да се изгради такси-станица.

Виктор Јованов