Околу 46 милиони денари надомест им се исплатени на земјоделците во Сингелиќ и Стајковци за оштетените пластеници и долгогодишни насади од ланските поплави.Со оваа исплата се опфатени поголемиот дел уништени обработливи површини, врз основа на извештајот за проценка и пресметката на загуба на приход, пресметката на земјоделски растенија, штетата на стакленици и пластеници, како и повеќегодишни насади од поплавите, синформираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски по посетата на Сингелиќ и Стајковци.
„Од информациите со кои располага Министерството, во завршна фаза се и уште мал број предмети на кои им недостасувале одредени документи и записници за проценката да се комплетира, а средствата да се исплатат. Неправилностите се поправени и веднаш штом се заврши со проценките во најскоро време во текот на овој месец и останатите земјоделци кои претрпеа штети ќе добијат пари за обесштетување“, најави Николовски.
Со ова се заокружува исплатата за сите земјоделски површини кои претрпеа огромни материјални штети, но и ветеното дека во првите 100 дена реформската Влада навреме ќе ги исплаќа обврските на државата.
Поплавите што го зафатија Скопско се случија на 6 август минатата година. Штети претрпеа преку 5.000 домаќинства во селото Сингелиќ, а оштетени беа над 600 хектари обработливо земјоделско земјиште.