Неждет Мустафа ја напушта коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ

Од:

Обединетата партија за еднаквост на Ромите (ОПЕР) објави дека и покрај партискиот предлог за квалитативно подобрување на кандидатите за пратеници на листите и давање можносот образовниот и интелектуалниот капацитет да ги претставува интересите на Ромите во Македонија, владејачката ВМРО-ДПМНЕ се одлучила да ја продолжи соработката со Амди Бајрам, и повторно да го кандидира за пратеник на претстојните предвремени парламентарни избори на 11-ти декември, објави Макфакс.

Покрај тоа, челникот на ОПЕР, Недет Мустафа, ќе го напушти и местото министер без ресор во сегашната влада

Оваа одлука е донесена по дискусијата на претседателството на ОПЕР на коешто било дискутирано за еднаквоста на Ромите низ призмата на последните преговарачки позиции за продолжување на соработката со сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата на Ромите посочуваат дека биле многу јасни во своите ставови дека ќе поддржат кој и да е друг кандидат од која и да е друга ромска партија, вклучително и од на Амди Бајрам, „доколку тој кадидат ги исполнува образовните предуслови за квалитетно застапување“ на оваа етничка заедница во Собранието.

Обединетата партија за целосна еманципација на Ромите(ОПЕР) уште при крајот на минатиот месец како што објави и А1он, најави дека нема да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ доколку на било која листа за следните парламентарни избори закажани за 11 декември се најде Амди Бајрам.

Како што информираа од ОПЕР, во Скопје била одржана средба меѓу претседателот на ОПЕР Неждет Мустафа и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев, на која Мустафа истакнал дека тие нема да се согласат да коалицираат со партијата на власт ако таа го стави на некои од изборните листи Амди Бајрам.

„Таков човек е навреда за Ромите и ние не сакаме да бидеме во иста коалиција со него“, најавија од ОПЕР.