Нешковски најави секојдневни протести за оставка на Јанкулоска

Од:

Целта на овие протести коишто ќе се одржуваат следните денови секој ден во 18 часот е оставката на министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како и таа да понесе и командна одговорност, изјавија во средата навечер пред собраните граѓани пред Собранието на РМ, братот на убиениот Мартин Нешковски, Александар, и граѓанскиот активист Џелал Хоџиќ.

Двајцата, исто така, повикаа на мирни протести и апелираа демонстрантите „да не наседнуваат“, како што рекоа „на провокациите на полицијата“.

„Бараме министерката Јанкулоска да поднесе оставка“, изјави Хоџиќ и ги повика граѓаните да седнат на земја и да ги кренат рацете во вис – „за да се види дека не сме во мал број“.

Уште еднаш апелираше присутните на протесниот собир да не наседнуваат „на провокациите од страна на полицијата“, бидејќи, како што рече, „таа сака да испровоцира немири“.

„Не бараме ништо повеќе, само командна одговорност и оставката од министерката“, рече Александар Нешкоски, чиј тогаш 22-годишен брат Мартин на 5-ти јуни 2011 година бил претепан до смрт од полициски службеник на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје, по прославувањето на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ.

„Видовме од ‘бомбите’ (прислушуваните телефонски разговори на владини функционери кои во вторникот ги објави опозицискиот СДСМ) дека целата врхушка била вмешана во обидот да се прикрие одговорноста за убиството на Мартин, но ние тоа не им го дозволивме“, додаде Нешкоски.

Повика и во четврток во истиот термин во 18 часот граѓаните да дојдат пред Собранието, имајќи предвид дека денешниот протест пред Владата, како што рече, „не успеа да се одржи“.