Не била само Аргентина, Донев спиел и во Хилтон и купувал облека со службена картичка

Од:

Ексдиректорот на Агенцијата за туризам, Александар Донев, во Буенос Аирес, Аргентина, спиел во познатиот синџир луксузни хотели – „Хилтон“, летал со бизнис-класа и на патувањето за назад од Јапонија и не искористил купени авионски билети, покажуваат извештаите на Агенцијата и од неговата службена картичка до кои дојде „Макфакс“ преку барање за слободен пристап до информации. Во Лондон променил хотел од полоша категорија за подобар, а исто така имал и шопинг за приватни цели во најмалку две продавници – една во Аргентина и една во Токио.

Донев во разговор за „Макфакс“ ги потврди извештаите, но вели дека сите средства што ги искористил за приватни цели, бидејќи имал проблеми со својата картичка, по патувањето, ги вратил на службената сметка.

Аргентинецот. Ова е прекарот што сега веќе разрешениот директор Александар Донев го доби по бурните реакции во јавноста дека на службениот пат во Аргентина летал со бизнис наместо во економска класа. Владата на една од своите седници го разреши Донев од функцијата поради несовесно и невнимателно работење, но остана необјаснето што всушност значи ова. Дали Владата го разреши директорот за 40 илјади денари разлика помеѓу економската и бизнис-класата за еден авионски билет како што тврди Донев? Или постојат и други постапки што ја инспирирале ваквата одлука? „Макфакс“ со барање за слободен пристап до информации од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот побара целосен извештај од службената картичка на ексдиректорот Донев во периодот од 1 септември 2017 до крајот на јануари годинава, извештај за сите купени авиобилети за патувања во истиот период, како и извештај за целите, потребите и бенефитите за државата од патувањата во странство.

Според извештаите од Агенцијата, Донев од септември 2017 до јануари годинава имал 11 закажани патувања за кои за авиобилети и патни трошоци биле потрошени околу 12.772 евра.

Според овој извештај, пет од купените авионски билети не се реализирани – за патувања на саеми во Полска – Варшава, Шпанија – Сантјаго де Компостела, Турција – Истанбул, Белгија – Брисел и Израел – Тел Авив.

Извор: Агенција за промоција и поддршка на туризмот на РМ

Александар Донев во разговор за „Макфакс“ ги потврди информациите од извештајот што го добивме од Агенцијата. Тој вели дека пропаднале само два купени авионски билета – за саемите во Брисел и Израел – поради тоа што тие се поклопиле со неговото разрешување и немало можност да се откажат навреме. За преостанатите билети вели дека средствата не пропаднале, туку биле пренаменети за други билети, иако во извештајот што го добивме од Агенцијата не е наведен таков податок.

Интересно е што, иако во медиумите беше објавувано дека билетот за патувањето во Аргентина за економската класа чинел околу 180.000 денари, а бизнис-класата чинела околу 220.000 денари, вкупната сума патни трошоци за патувањето во Аргентина за авиобилети и патничко возило според податоците што ги добивме од Агенцијата изнесува 433.950 денари или 7.056 евра.

Во врска со тоа за што биле потрошени повеќе од седум илјади евра, за разлика од споменуваните 220 илјади денари, Донев вели дека се работи за трошоци и за локален превоз, како и за уште еден авиобилет од Буенос Аирес до Салта, во економска класа, а тврди дека во оваа сума се внесени и трошоците за сместување, иако во одговорот што го добивме од Агенцијата стои дека сумата се однесува за авиобилети и патнички трошоци.

„Авиобилетите се набавуваат преку владината Служба за општи и заеднички работи, авиобилетот ми е на барање за бизнис-класа затоа што летот беше 17 и пол часа, од нив добиваме со која понуда ние летаме. Не можеме ние сами да ја направиме набавката, како што најчесто јавноста го проверува тоа онлајн. За трошоците во однос на сместување, локален превоз и слично, тоа е сè според правилникот на Агенцијата што се користи со години и важи за сите патувања. Ние најчесто спиеме, не најчесто, туку секогаш спиеме во ист хотел сите, заедно со луѓето што патуваат со директорот. Спиеме во исти хотели“, вели Донев.

Тој потврдува дека летал и од Јапонија за Скопје со бизнис-класа, но вели дека тоа го покрил сам и не било платено од Агенцијата, иако и овој податок не е посочен од страна на одговорите што ги добивме од оваа Агенција. Претходно за медиумите Донев изјавуваше дека летал со бизнис класа само до Аргентина. Вкупната сума за патни трошоци за Јапонија, според Агенцијата, е околу две илјади евра.

Повеќе на Макфакс.