Наследник си го бара плацот кај Чинарот кој Општината го издава како летна тераса

Од:

Додека приватник со ѕидање поставува урбана опрема кај Чинарот, а Општина Охрид му го изнајмува земјиштето, наследниците на плацот водат битка низ институциите за да си ја вратат сопственоста. Драги Циглов, еден од наследниците, вели дека се влечеле по судови од 2005 година.  И покрај сите напори, државата не им го вратила земјиштето, со образложение дека тие ќе бидат обесштетени, а парцелата ќе се користи за мини плоштад и проширување на некоја од улиците.

„Ние водевме судски спор од 2005 година до 2017 година. Претходно, пет години се криеше решението на кое се гледа дека земјиштето е на дедо ми, дека имал дуќан на таа локација кој бил касапница. Откако го најдовме решението на кое се гледа дека ние 7 браќа сме наследници, подадовме документи кои ги испративме во Комисијата за денационализација од каде ни го одземаа местото за проширување на улица и изградба на мал плоштад. Потоа, подадовме жалба до Општината, односно до Одделението за урбанизам. Оттаму ни одговорија ‘Тука ќе има хорикултурно уредување и поради тоа е даден налог на Комуналец да го уреди’. Нам ни рекоа дека ќе нè обештетат со обврзници или друго земјиште“, вели еден од наследниците на парцелата, Драги Циглов.

Кусо откако го добиле објаснувањето од Општината, некогашната касапница, наместо да се преуреди во јавна површина, станала чајџилница. Просторот од 46 квадрати им го процениле на еден милион и 66 илјади денари, пари кои требало да ги делат седумина наследници.

„Дури во 2013 добивме извршно решение за тоа дека ќе ни бидат дадени обврзници или, пак, да земеме друго земјиште, односно на друга локација. Да имаше навистина градење на улица, хорикултурно уредување и плоштад, како што ни беше кажано, ќе се откажевме од земјиштето и ќе земевме обврзници, ама вака не сме согласни. Си го бараме назад земјиштето. Во 2017 година, ни дојде уште едно извршно решение. Во него пишува дека треба во рок од пет дена да одлучиме дали да ни дадат обврзници или земјиште. Во спротивно, ќе ни се дадат обврзници. Оттогаш, ништо немаме. Ни земјиште, ни обврзници, ни земјиште на друга локација“, се пожали Циглов.

Државата им понудила земјиште во близина на хотелот „Инекс Горица“ во замена за парцелата на плоштадот Чинар. Циглов вели дека му било понудено да земе шест пати поголемо земјиште отколку парцелата, но тие инсистираат да го добијат назад имотот од дедо им.

Општина Охрид, која го издава државното земјиште, не одговори на прашањата од „А1он“ за плановите за земјиштето, изнајмувањето на приватник, како и за нереализираните проекти. За спорната денационализација не добивме одговор ниту од Министерството за финансии.

Случајот стана актуелен откако минатиот викенд со багери и хилти се уриваше летната тераса кај Чинарот која се користеше како пицерија. Иако постојано се градеше и уриваше, инспекциите излегоа на терен една недела подоцна. Службите констатираа дека приватникот има одобрение за поставување урбана опрема, без оглед на тоа што на терен се изведува цврста градба. Општинската инспекција не најави казни. Местото каде сега се одвиваат градежни работи е дел од заштитеното јадро на градот, а се гради по претходно мислење од Завод и музеј Охрид. Директорката Еленора Новановска рече дека тие немаат издадено мислење, а во нивната архива не постои ниту план за летна тераса на оваа локација.

Кристијан Ландов и Маја Илиевска – Пачемска