Намален криминалитетот во Крива Паланка и Ранковце

Од:

Намалување од 35,7 отсто бележи криминалитетот на подрачјето на општините Крива Паланка и Ранковце во првите шест месеци од 2017 година.

Полициската станица од општа надлежност Крива Паланка на седница на Советот на општината презентираше Информација за преземени мерки и активности во текот на првото полугодие од 2017 година, која покажува дека се регистрирани 63 кривични дела. Тоа е намалување од 35,7 отсто во однос на иститот период во 2016 година кога се забележани 98 кривични дела. Од вкупниот број регистрирани, 37 дела се реализирани.

Во текот на извештајниот период, намален е и бројот на поднесени кривични пријави и регистрирани сторители. Поднесени се вкупно 41 кривична пријава против 49 сторители, додека лани биле поднесени 68 пријави против вкупно 101 сторител.

Од вкупниот број сторени кривични дела, најголемо е учеството на имотни деликти (29), најголем процент тешки кражби (16), 11 обични кражби и останато.

Во Информацијата од ПС ОН Крива Паланка се наведува дека во извештајниот период нема кривични дела од областа на организиран криминал, додека од областа на недозволена трговија регистрирани се две кривични дела – за неовластено производство и промет на опојни дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Делата се реализирани, поднесени се кривични пријави, а одземени биле и 11.10 грама опојна дрога марихуана.