Намачкани со глина протестираа против изградбата на хотел во Лагадин

Од:

Поголема група граѓани го искажаа својот револт против понатамошната урбанизација и девастација на охридското крајбрежје со протест кој се одржа пред градилиштето на спорниот хотел во населба Лагадин и во непосредна близина на планираната локација за скандалозната Медитеранска плажа.

Повод за протестот насловен како „Во одбрана на Лагадин, во одбрана на Охрид”, беше изградбата на спорниот хотел, но протестот беше насочен и против сите обиди за уништување на крајбрежјето, езерото и
Националниот парк Галичица, кои најчесто се прават под превезот на развој и унапредување на туризмот.
Специјално за протестот граѓаните имаа изработено импровизирани  перкусионистички инструменти на кои се создаваше силен ритам кој го  привлекуваше вниманието на автомобилите, минувачите и капачите кои се
придружуваа кон протестот.

Учесниците во протестот симболично беа намачкани со глина, а дел од транспарентите на протестот беа „Мораториум за градење на целото крајбрежје”, „2183, дедо ми кажа дека тука некогаш имало езеро”, „Смрт за хотелот, слобода за крајбрежјето”, „Какви хотели, какви Бакрачи”, „Урбани мафијаши, да се реинкарнирате во лебеди” и слично.

Преку овој протест, беше побарано неотповикливо поништување на дозволата за изградба на спорниот хотел и негово уривање, повлекување на плановите за Медитеранска плажа, напуштање на лудата идеја за хотелски ресорти во Градиште и Љубаништа и експресен пат на Галичица еднаш и засекогаш,
прогласување на мораториум на градењето на објекти од цврста градба долж крајбрежјето, до донесувањето на нова стратегија за одржлив развој.